Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија сака да го реши конфликтот во Украина по мирен пат, но дека западните земји подготвиле „различно сценарио“ зад нејзиниот грб.
„Направивме се што е можно за да го решиме овој проблем по мирен пат, преговарајќи за мирен излез од овој тежок конфликт, но зад нашиот грб се подготвуваше сосема поинакво сценарио“, им рече Путин на претставниците на рускиот парламент, во своето прво обраќање од почетокот од инвазијата на Украина..
Тој, исто така, додаде дека Западот „цинично го измамил својот народ“.
Во својот говор Путин рече и дека Русија „навистина направила се што е можно за да ги реши проблемите во Донбас со мирни средства, но дека застапувањето на Западот за мир е лажно“.
„Киев имаше разговори со Западот за набавка на оружје пред почетокот на воената операција во Украина“, рече Путин.
Според него, овој метод на измама се користел и порано, „така ја уништиле Југославија, Ирак, Либија…“.
Путин изјави дека, според податоците добиени од Русија, во февруари минатата година се било подготвено за, како што рече, „нова казнена акција на Киев во Донбас“.
Тој го обвини Западот за почетокот на конфликтот во Украина, велејќи дека западните земји, на чело со САД, бараат „неограничена моќ“ во светските работи.
Тој оцени дека во вековите на колонијализмот западните земји биле навикнати да им се дозволува се.
„Во декември 2021 година официјално испративме нацрти на договорот за безбедносни гаранции до НАТО, но бевме одбиени на сите позиции. Тогаш конечно стана јасно дека зеленото светло за агресија е дадено. Заканата растеше секој ден“, рече Путин.
Според него, Русија била искрено отворена за дијалог и им предложила на западните партнери оваа идеја да се разработи.
„Тие (Западот) ја започнаа војната, а ние употребивме сила и ја користиме за да ја запреме“, посочи тој.
Според него, Русија цврсто ги брани не само своите интереси, туку и својата позиција дека во современиот свет нема поделба на „цивилизирани“ и други земји.
Според неговата проценка, Западот е подготвен да употреби секакви средства за борба против Русија, вклучително, како што наведе, „терористи и неонацисти“, се додека тие им служат на неговите цели.
Путин го повтори тврдењето дека Русија не е во војна со народот на Украина и дека народот на Украина е заложник на режимот во Киев и на Западот, кој според рускиот претседател „де факто ја окупирал таа земја“.
„Западот ја користи Украина како боксерска вреќа против Русија и како полигон за обука“, рече Путин.
Тој нагласи дека е невозможно да се победи Русија на бојното поле и оцени дека Западот не ја крие својата цел – да и нанесе стратешки пораз на Русија.
„Што значи тоа за нас? Тоа значи дека тие еднаш засекогаш завршуваат со нас“, рече Путин.
Тој оцени дека Западот има намера локалниот конфликт да го пренесе во фаза на глобална конфронтација и додаде дека Москва соодветно ќе реагира, бидејќи, како што наведе, во тој случај станува збор за пропаст на земјата.