На состанокот на сојузниците во германската воздухопловна база Рамштајн не е донесена одлука за испорака на тенкови „Леопард 2“ на Украина, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.
Блашчак сепак изрази оптимизам дека договорот сепак ќе биде постигнат бидејќи на маргините на денешната конференција во германската воена база Рамштајн се сретнаа министрите за одбрана на 15 земји и разговараа на оваа тема.
„Надежта доаѓа од фактот дека министрите за одбрана на 15 земји се сретнаа на маргините на денешната конференција и разговаравме на оваа тема“, изјави Блашчак за новинарите во Рамштајн.
„Уверен сум дека изградбата на коалицијата ќе заврши успешно“, рече Блашчак.
Блашчак додаде дека Полска ќе и обезбеди на Украина дополнителни тенкови Т-72 од советско производство и некои пешадиски возила, без да го наведе нивниот тип.
„Мораме да направиме се за да и помогнеме на Украина, за војната да не се прелее на територијата на НАТО“, рече Блашчак.
Претставници од повеќе од 50 земји, сојузници на Украина, денеска се состанаа во воздухопловната база Рамштајн, во југозападна Германија, за да го координираат снабдувањето со оружје, вклучително и тенкови, за Киев. Состанокот се одржува во ситуација во која домаќинот Германија се соочува со зголемен притисок да дозволи извоз на своите тенкови Леопард во Украина.
Претходно германскиот министер за одбрана, Борис Писториус изјави дека дека не е е постигнат меѓународен договор за испораката на германски тенкови „Леопард 2“ на Украини.
„Германската влада се уште не се согласила со барањето на Украина за тенкови Леопард 2. Денеска не можеме да кажеме кога ќе биде донесена одлуката (за потенцијалното распоредување на Леопарди) и како точно ќе изгледа тоа. Нема меѓународен договор за ова прашање“, изјави Писториус на новинарите собрани во германската база, додавајќи дека и наредил на германската војска да го разгледа бројот на Леопарди и да утврди колку може да бидат испратени во Украина, „за да може владата да реагира брзо кога конечно ќе биде донесена одлуката“.
На состанокот преку видео врска се обрати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој им сезаблагодари на сојузниците за досегашната помош, но исто така им порача и дека на неговата земја итно ѝ се потребни стотици тенкови.
„Војната што ја започна Русија не дозволува одложувања. Стотици белешки за благодарност не се стотици тенкови. Во ваша моќ е да ни ја обезбедите артилеријата што ни е потребна“, порача Зеленски на министрите за одбрана од околу 50 земји.