Состојбата во Хрватска од час во час станува се подраматична, а според последните информации утрово попуштил и привремениот насип кај Сисак, поради што војската и полицијата итно тргнале кон тој град за да спречат појава на поголема материјална штета.
Најкритична е состојбата во Хрватска Костајница, каде во последните неколку часа водостојот на Уна стагнира, но подземните води продолжуваат да навлегуваат.
Индекс пишува дека голем воден бран синоќа поминал низ Карловац, а водостојот на Корана достигнал рекордно ниво од 852 сантиметри.
Растот на Уна во Хрватска Костајница беше запрен откако вчера беше поплавен центарот на градот.
„Реката Зрмања во Обровац се повлекува откако нивото на водата во понеделникот наутро достигна историски 302 сантиметри, што е дури 39 сантиметри над највисокиот водостој на Зрмања измерен досега во тој град. Тешка е состојбата и во Петриња, која ја очекува бран на вода. Во Сисак водата го проби насипот кој беше оштетен во земјотресот“, пишува Индекс.
Членовите на здружението за јавање коњи КАС продолжуваат со спасувањето на животните, пишува Дневник.хр.
„Ништо не е во ред, мораме да ги спасиме коњите. Сите наши документи и се што имаме е потопено. Работевме 20 години за да го изградиме ова здружение, а сега изгубивме се“, рекол Анита Трстењак, секретар на Здружението КАС.
Инаку, врвот на водениот бран се движи кон исток и се очекува денеска околу Сисак и Петриња, пишува N1 Загреб.