Во заседа убиен косовски специјалец, Курти ја обвини Србија за терористички напад

Припадник на специјалните единици на  косовската полиција е убиен, а двајца полицајци се повредени во престрелка со непозната вооружена група во селото Бањска во општина Звечан  на северот на Косово. Инцидентот се случил рано утрово, потврди косовската полиција која наведе дека станува збор за организирана заседа.

Единицата за брза интервенција на косовската гранична полиција забележала дека на влезот во селото Бањска во 2:34 биле поставени камиони без регистрација со што бил блокиран патот кон селото.

-По пријавата, 3 единици реагираа и се упатија кон локацијата. Кога пристигнале во близина на блокадата, полициските единици наишле на отпор и од повеќе различни правци е пукано врз нив со разновиден арсенал на огнено оружје, а (во нападот) употребени се и рачни гранати и бомби. Двајца полицајци биле повредени, соопшти косовската полиција.

Advertisements

Косовските полицајци почнале битка со маскираните напаѓачи и успеале да ги извлечат повредените. Биле префрлени во болницата во Јужна Митровица каде е констатирана смрт на еден полицаец, додека вториот е вон животна опасност. При полициската акција е повреден уште еден припадник на КПС.

Престрелката траела до рано утрово до кога се слушале пукотници во околината на селото Бањска. Косовската полиција го блокираше селото и е во потрага по напаѓачите.

Ова е прво поголемо насилство по неколку месеци примирје меѓу локалните Срби и косовските државни органи и полицијата составена од претежно Албанци.

Во изјавата преку социјалните мрежи, косовскиот премиер Албин Курти ги обвини Србија и криминалните групи за терористичка акција.

-Напаѓачите се професионалци со маски и тешко вооружени. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград ја напаѓа нашата држава, објави Курти на ФБ.

Тензиите се зголемија во Косово по судирите во мај кога повеќе од 90 мировници на НАТО и околу 50 српски демонстранти беа повредени во демонстрации во северно Косово откако Приштина спроведе локални избори кои ги бојкотираа Србите, инаку мнозинство во тој дел на Косово.

Етничките Албанци се повеќе од 90% од населението во Косово, а Србите се мнозинство само во северниот регион каде што според договорите подржани пд ЕУ и САД треба да се формира Заедница на српски општини.

Косовската влада на чело со Курти одбива да ја формира заедницата, а разговорите Белград-Приштина за нормализирање на односите повторно заглавија минатата недела, при што шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел го обвини Курти за неуспехот да се формира Заедницата на на општините со мнозинско српско население, што ќе им даде поголема автономија.

Властите во Приштина на чело со Курти пак тврдат дека Србија постојано се меша во внатрешните работи на Косово и креира тензии со испраќање на српски радикални вооружени насилници на северот на Косово.