Вучиќ и Курти потврдија дека ќе се сретнат во Охрид на 18 март

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти потврдија дека ќе се сретнат во Охрид на 18 март како дел од дијалогот со посредство на ЕУ, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи.

Во фокусот на состанокот, чиј домаќин ќе биде шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, ќе биде финализирањето на Анексот за имплементација на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, соопшти Европската служба за надворешни работи.

Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, прво ќе имаат одвоени средби со Вучиќ и Курти, а потоа ќе следи заедничка трилатерална средба.

Advertisements

За да се подготви за средбата во Охрид, Лајчак денеска и утре престојува во Приштина, а на 13 и 14 март ќе го посети Белград.