Вучиќ: На раскрсница сме дали ќе имаме мир или не, Курти сака да предизвика војна

Се плашам дека го минавме Рубикон, и дека ќе биде многу тешко да се вратиме во нормала, за што Србија ќе даде се од себе, изјави вечерва Александар Вучиќ во дневникот на РТС.

„Ние сме на раскрсницата дали ќе продолжиме да имаме мир или не и тоа не благодарение на нашата намера да немаме мир, туку благодарение на еден човек кој по секоја цена сака да предизвика војна или конфликт на целиот Балкан“, нагласи тој додавајќи дека веќе нема сомнеж за тоа.

Во врска со забраната за увоз на стоки, која косовските власти се уште официјално ја немаат потврдено, претседателот истакна дека косовскиот премиер не смее да го прави тоа, бидејќи слободната трговија ја гарантира ЦЕФТА, чиј член е и Косово како и другите европски регулативи.

Advertisements

За денешното апсење на тројца вооружени припадници на косовската полиција, Вучиќ презентираше два доказа според кои „косовските полицајци се уапсени на 1,8 километри длабоко на територијата на Србија“ и дека има доказ „да тие не побарале дозвола ниту го информирале КФОР да одат на административната граница, како што е досегашното правило“.

„Овие луѓе немаат што да бараат во таа област без одобрение од КФОР, особено со долги цевки. Имаме докази дека КФОР не бил информиран. Ги апсиме, не на 100 метри на територијата на централна Србија, туку на 1,8 километар од административната линија, на потегот Орахово-Гљивица“, истакна Вучиќ, додавајќи дека „еден или двајца од нив кажале дека не знаат да го користат ГПС системот“.

Тој гарантираше дека ниту еден војник на армиијата на Србија, ниту еден полицаец не ја преминал административната линија при апсењето на тројца припадници на косовската полиција, порачувајќи дека истрагата е во тек и дека полицијата и Обвинителството работат со уапсените.

„Се води истрага. Тие не биле тепани, ниту малтретирани, ниту обезличени, што им се случува на Србите кога ќе бидат уапсени од полицијата на Курти. При апсењето било земено предвид и нивното достоинство“, рече Вучиќ.