Претседателот Александар Вучиќ во вечерашното гостување во емисијата „Kирилица“ прикажа морбидна снимка од млад човек од Јутјуб и ТикТок кој на социјалните мрежи бил следен од момчето убиец од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, јавуваат српските медиуми.
„Момчето убиец беше следбеник на овој човек. По некое време го симнаа видеото, но полицијата и БИА го пронајдоа. Тешко е да се најде причинско-последична врска, но момчето убиец го погледнало ова видео. Сега се поставува прашањето, како да ја регулираме оваа содржина? Овие момци заработуваат пари од тоа. Сè со насилство и закани може да заработи пари. Нашите деца го гледаат ова. Тоа го кажав како татко, не како претседател. Децата гледаат социјални мрежи, играат чудни игри и имаат многу такви работи на Јутјуб“, изјави Вучиќ.
Тој го коментираше и пишувањето на големиот број деца кои го величеа убиецот и ги исмеваа жртвите.
„На мрежите се пишуваа страшни работи за Коста како „Браво Коста ти ќе излезеш, ама тие никогаш нема“. Тоа го направија поради бројот на прегледи. Очигледно, децата знаат што носат овие прегледи. Гледате дека нема емпатија, едноставно не разбирате како е можно тоа да постои“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека секогаш кога се објавуваат воени филмови, секој сака да биде херој и дека сето тоа е маркетинг и дека мора да се најде друг пристап за ваквите содржини.