Започна отстранувањето на барикадите на северот на Косово. Ова е резултат на разговорите и договорите меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и претставниците на Србите од Косово и Метохија во Рашка.
Барикадата на Мердар од правец на централна Србија е отстранета, објави РТС.
На преминот кон пунктот Мердаре од правец на Куршумлија чекаат патници во автомобили и камионски превозници.
Барикадата претходните денови беше поставена на километар од пунктот.
Полицијата во Приштина соопшти дека нешто пред десет часот повторно е воспоставен сообраќајот преку пунктот Мердаре.
Вучиќ доцна синоќа во обраќање до јавноста, по средбата со претставници на Србите од северот на Косово во воената касарна „Стефан Немања“ во Рашка, рече дека „отстранувањето на барикадите не е лесно и тие не можат да се отстранат за два часови“.
По средбата на претседателот на Србија со претставниците на Србите од Косово и Метохија, донесена е одлука за отстранување на барикадите.
Сепак, како што јавува РТС, се уште не е започнато отстранувањето на барикадите на Рудар, ниту пак на луѓето на барикадите им било кажано кога ќе бидат отстранети.
„Од утре пред пладне почнува отстранувањето на барикадите, не може да се заврши за два часа, дали за 24 или за 48 часа ќе се отстранат барикадите, но недовербата не е отстранета. Оние кои мислат дека можат да си играат со животот на Србите и нивниот опстанок, треба да знаат дека, како што не сме дозволиле до сега, сите заедно, особено вие, нема да дозволиме ниту во иднина“, рече Вучиќ.
„Мораме да разговараме и да се обидеме да ја вратиме довербата. Поорганизиран отпор на српскиот народ никогаш не сме виделе“, рече Вучиќ, кој смета дека денеска бил добар ден за нашиот народ.