Земјите на НАТО го зголемуваат производството на артилериска муниција бидејќи украинските сили ги користат гранати многу побрзо отколку што може да ги направи Западот, соопштија од Алијансата, истовремено ветувајќи дека ќе достави најмалку 48 тенкови Леопард 2 на Киев.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на новинарите по дводневниот самит на министрите за одбрана на Алијансата во Брисел изјави дека е неопходно да се забрза производството, бидејќи има голема потреба да се обезбеди Украина со муниција.
Столтенберг истакна дека земји како САД, Франција, Германија и Норвешка имаат потпишано договори за муниција што ќе им овозможат на членките на НАТО да ги надополнат сопствените резерви, но и да продолжат да го снабдуваат Киев.
Дури и пред војната во Украина, многу земји на НАТО не успеаја да ги исполнат целите на Алијансата за складирање муниција.
Темпото на испораките во Украина, кaде вооружените сили пукаат до 10.000 артилериски гранати дневно, дополнително ги исцрпи залихите на Западот. Во исто време се формираат планови за снабдување на Киев со два баталјони тенкови Леопард 2.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека западните земји му ветиле на Киев 48 тенкови Леопард 2, вклучително и еден баталјон од 31 тенк Леопард 2А4, чија испорака ја координира Полска.
Згора на тоа, како што изјави Писториус, Берлин ќе испрати 14, а Лисабон уште три напредни тенкови Леопард 2А6.
Сојузниците, исто така, започнаа разговори за тоа дали трошоците за одбрана од два отсто од бруто домашниот производ(БДП) се доволни за сеопфатната војна што беснее во соседна Украина.
„Мислам дека од два отсто од БДП како горна граница треба да преминеме на минимум“, изјави Столтенберг, со што се согласи и Писториус.
Одлуката за ова се очекува на самитот на НАТО во Литванија во јули.