Во Турција се уапсени речиси 200 лица осомничени за лоша изградба на згради кои се урнаа во разорните земјотреси од 6 февруари, а во кои загинаа повеќе од 44.000 луѓе во земјата, соопшти турското Министерство за правда.
Се вели дека се собрани докази за лоша градба поврзани со илјадници згради, а според државната агенција за катастрофи, повеќе од 5.700 објекти биле урнати. За непочитување на прописите при градба осомничени се 626 лица. Некои од осомничените загинаа во земјотресот, додека за останатите се трага.
Професорот по инженерство на Универзитетот Богазичи во Истанбул, Мустафа Ердик, за Си-Ен-Ен изјави дека најизненадувачки е начинот на кој паднале зградите, односно сцените на широко распространето уништување и урнатини укажуваат „дека има многу различни квалитети во дизајнот и конструкцијата“. Тој додава дека типот на структурни дефекти по земјотреси обично се парцијални уривања и објаснува дека „тоталните уривања“ се нешто што секогаш се избегнува при проектирањето на зградите.
„При вакви колапси тешко е да се спасат животи, а тешка е и работата на тимовите за пребарување и спасување“, рече Ердик.
По разорните земјотреси во минатото, градежните правила беа значително заострени, поради што модерните згради се дизајнирани да издржат големи земјотреси. Сепак, сликите кои доаѓаат од опустошените региони покажуваат дека повеќето згради кои целосно се урнале се новоизградени.
„Она што го гледаме во моментов дефинитивно ни кажува дека нешто не е во ред со тие згради и може да не биле проектирани во согласност со кодексот или имплементацијата не била дизајнирана како што треба“, рече градежниот инженер и предавач на Универзитетскиот колеџ во Лондон.