„Се надевам дека Бог ќе ме чува на овој прекрасен ден“, напишала таа пред да тргне кон смртта.
Даниела Ингрид Вера Фигуера трагично го загубила животот за време на прославата на својот 42. роденден, откако паднала од голема височина додека се обидувала да се искачи на еден од најактивните вулкани во Чиле.
Даниела паднала од околу 600 метри височина додека со пријатели учествувала на планинарска тура.
Трагедијата се случила на 17 мај, околу 15 часот. Кобниот ден таа тргнала кон вулканот Лјаима, еден од најголемите и најактивни вулкани во Чиле, не насетувајќи дека токму на својот роденден ќе го загуби животот.
Потресна порака
Пораката што ја објавила пред патувањето многумина длабоко ги потресе.
– Сега е 3 часот наутро и го завршувам пакувањето на ранецот пред искачувањето на Лјаима. Се надевам дека Бог ќе ме чува на овој прекрасен ден, кога полнам 42 години и сум многу среќна. Да, малку сум несигурна што би можело да се случи… – напишала Даниела пред да тргне во авантурата што ја чинела живот.
Како се случила несреќата
Даниела, која работела како директорка на училиште во градот Виљарика, паднала од околу 600 метри додека фотографирала при спуштањето. Наводно ѝ испаднал ледениот клин, изгубила рамнотежа – најверојатно поради силниот ветер – се лизнала и паднала во провалија.
Спасувачката акција била дополнително отежната поради лошите временски услови, а силните ветрови спречиле спасувачки хеликоптер да стигне до местото на несреќата.
Нејзината смрт била потврдена истата вечер, но телото не можело да биде пронајдено до понеделник наутро околу 6:30 часот поради продолженото невреме.
Во заедничката акција учествувале полиција, пожарникари, волонтери и претставници на Националната шумска корпорација (Conaf), кои успешно ги пронашле нејзините посмртни останки.
Предупредување од властите
Директорот на Conaf, Ектор Тиљерија, изјавил дека планинарската група претходно не се регистрирала кај властите на паркот или кај карабинерите, што е спротивно на безбедносните протоколи.
Тој предупредил дека временските услови оваа недела биле исклучително неповолни, со температури под нулата и тешки услови на високите планини, и ги повикал сите планинари задолжително да се регистрираат заради лична безбедност.
Портпаролoт на училиштето во кое работела ја опишал како „одговорна, љубезна и посветена“ мајка. Заедницата изразила длабоко сочувство до нејзиниот сопруг, двете деца, семејството и пријателите.



