Жив штит за своите синови: Млада мајка не успеа да се спаси од смртоносниот напад

Дваесет и деветгодишната Вероника Чујан трагично го загуби животот за време на силен руски воздушен напад врз Киев.

Според украинските медиуми, младата мајка загинала додека трчала кон засолниште во обид своите две деца да ги однесе на безбедно место.

Во моментите на нападот таа се обидувала да ги заштити своите синови, на возраст од пет и речиси три години. Руски проектил експлодирал во непосредна близина, а Вероника починала на самото место од силината на експлозијата.

Постариот син се здобил со тешки повреди и бил итно пренесен во болница каде што бил опериран, додека помладото дете поминало со полесни повреди и модринки.

Оваа трагедија е дел од еден од најголемите руски воздушни напади од почетокот на војната во Украина. Во нападите врз повеќе градови низ земјата загинале 22 лица, а над 130 биле повредени.

Според украинските воздухопловни сили, во еден бран биле лансирани вкупно 729 проектили и дронови, при што главна цел бил Киев.

Advertisements

Иако противвоздушната одбрана пресретнала голем дел од нив, дел од проектилите успеале да ја пробијат одбраната и да предизвикаат смртоносни последици.