Зошто САД ставија вето на резолуцијата за прекин на конфликтот меѓу Израел и Хамас?

САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара прекин на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Хамас за да се дозволи доставување хуманитарна помош во Појасот Газа.

За предлог-резолуцијата на Бразил гласаа 12 членки, додека Русија и Велика Британија беа воздржани.

Амбасадорката на САД во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд објасни дека САД ставиле вето на резолуцијата на Советот за безбедност за ситуацијата на Блискиот Исток, бидејќи во бразилската нацрт-резолуција не се споменува правото на Израел на самоодбрана.

– Како и секоја нација во светот, Израел има инхерентно право на самоодбрана, како што е наведено во член 51 од Повелбата на ОН. По претходните терористички напади на групи како Ал Каеда и Исламска држава, овој Совет го потврди тоа право и овој документ требаше да го потврди истото, изјави Линда Томас-Гринфилд, според веб-страницата на мисијата на САД во ОН.

Амбасадорката на САД во ОН истакна дека Америка е присутна на теренот каде што извршува тешка дипломатска работа.

– И додека ја препознаваме желбата на Бразил со овој текст да направи чекор напред, веруваме дека треба да дозволиме таа дипломатија да се спроведе, особено сега кога генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, американскиот претседател Џозеф Бајден, државниот секретар на САД Ентони Блинкен и регионалните актери се ангажирани во интензивен дијалог за прашањата за кои разговаравме денеска, рече Томас-Гринфилд.

Таа истакна дека патувањето на Бајден на Блискиот Исток јасно го покажува фактот дека САД се активно ангажирани на највисоко ниво.

– Претседателот на Соединетите Американски Држави отпатува за да обезбеди ослободување на заложниците, да го спречи ширењето на конфликтот, да ја нагласи потребата да се заштитат животите на цивилите и да се вклучи во решавањето на хуманитарната криза со која се соочуваат Палестинците во Газа, како и да му покаже на Израелскиот народ дека САД стојат со него во ова тажно време, рече американската амбасадорка во ОН.

Таа додаде дека САД се „згрозени и тажни“ од вчерашната експлозија во болницата Ахли Араб во Газа, изразувајќи жалење за „трагичната загуба на човечки животи“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска повика на итен прекин на огнот за ослободување на заложниците и испорака на хуманитарна помош во Газа.

Нацртот го прозиваше Израел, без да го спомене конкретно, да ги повлече повиците до цивилите и персоналот на ОН да се повлечат на југот на палестинската енклава и ги осудува „терористичките напади на Хамас“.

Advertisements

Резолуцијата исто така го осудува секое насилство и непријателство кон цивили и сите терористички недела и повика на итно и безусловно ослободување на сите заложници.

Израел минатата недела повика 1,1 милион жители на Газа, или речиси половина од населението, да се повлечат на југ додека се подготвува за копнена офанзива како одговор на најлошиот напад на Хамас врз цивилите во 75-годишната историја на Израел.