Кочо Анѓушев на црната листа на САД поради „корупција и злоупотреба на службената положба“

САД го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција, соопштија денеска од  Стејт департментот.

– Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.

Денешната акција, се вели во соопштението, покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери.

Advertisements

– Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ, објавено е на веб страницата на американскиот Стејт департмент.

На црната листа на САД, поради корупција, претходно се најдоа и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Камчева и Сергеј Самсоненко.