Момче од Бихаќ, БиХ, Ајдин Зулиќ се заканува дека ќе направи крвав пир како што се случи во Србија и дека ќе убие ученици и вработени во Економското училиште, дознава порталот „Аваз“.
Невидено злосторство на просторите на поранешна Југославија вчера го потресе регионот кога четиринаесетгодишниот Коста Кецмановиќ изврши масакр на Врачар во Белград, по што следеа низа осуди и од јавните личности и од граѓаните и предупредувања до родителите да не ги запоставуваат своите деца и будно да ги следат. Но, на социјалните мрежи имаше и објави во кои се фалеше овој монструозен чин на момчето што предизвикуваат голема загриженост.
„Тоа момче кое уби осум деца за мене е крал. Долго време подготвувам такво нешто за економското училиште во Бихаќ. Ќе има незаборавен масакр во Бихаќ, ви се колнам со живот! Кога сите знаевте да ме осудите и избегнете, поради тоа ќе има терор“, напиша Зулиќ на социјалните мрежи.
Информации за овој немил случај има и полицијата.
„Имаме информации. Информирано е и Обвинителството. Ова лице ни е познато во полицијата. Не знаеме која година е. Мислам дека е малолетник. Не знаеме дали некој го пријавил. Го видовме на социјалните мрежи и потоа го проверуваме по службена должност“, изјавил Бахрудин Џелалагиќ, портпаролот на МУП УСК за порталот „Аваз“.