Од вчера течат роковите за пенали кон „Бехтел и Енка“, но нема уплатено пари – Бочварски ги потврди наводите на Мицкоски

Почна да тече рокот за исплата на пенали на „Бехтел&Енка“, потврди министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, но вели дека досега ништо не е платено, ниту пак компанијата побарала да се плати.

Овој одговор тој го даде на новинарско прашање во врска со тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека веќе од денеска државата ќе треба на компанијата да ѝ плаќа пенали  по 2 милиони евра дневно.

„До денеска нема уплатени средства кон компанијата, првата исплатена сума би била авансот за отпочнување на градежните работи и секој исплатен денар што ќе биде од страна на Владата кон Јавното претпријатие за патишта, а оттаму кон изведувачот, ќе биде објавено на сајтот јавни финансии“, рече Бочварски.

Advertisements

Тој денеска беше на Меѓународниот aеродром Скопје, каде слета првиот авион на Луфтханза од Франкфурт.

„22 април е старт на реализација на договорот, каде изведувачот почнува со изработка на проекти, на урбанистички и на основни проекти со цел да започне и постапка на експропијација на земјиштето кое е приватно. Да изврши снимање на теренот, состојбите, постојната состојба на трасата, да се види каде има подземни, надземни инсталиции, кои можеби ќе треба да бидат дислоцирани во текот на самата градба. Да се утврди постапката на геотехнички и геомеханички истражувања“, рече Бочварски.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ обелодени уште еден дел од договорот со „Бехтел&Енка“, според кој автопатите ќе можат да се градат без дозволи и одобренија за градба.

„Станува збор за нова постапка и нов систем на градење каде што прво се оди на утврдување и одобрување на урбанистичкиот проект за движењето на трасата, а потоа се започнува постапка за експропријација на земјиште. Бидејќи овој проект предвидува бавно градење и проектирање на одделни делници, тоа значи дека не може државата на пример, десет пати да издава одобренија за една делница. Токму поради тоа, ќе има ревизија за да се запази процедурата“, рече Бочварски.