Денеска на Свештениот Бигорски Манастир „Свети Јован Крстител“ му беа донесени двата реставрирани литиски крста од драгоцената манастирска збирка на старини. Овие уникатни реликвии, сотворени од легендарните бигорски зографи Михаил и син му Даниил јеромонах, му беа предадени на Игуменот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, од страна на претставници од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, информира Бигорскиот манастир.
Посебно значајно, како што велат, е тоа што денеска присутни во манастирот биле и конзерваторите советници Јехона Спахиу Јанчевска и Невенка Величковска, кои вложија огромни напори и извонредно стручна посветеност во нивната конзервација и реставрација и лично ги донесоа крстовите.
„Тие беа топло пречекани од страна на нашиот Старец и Игумен на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, кој им изрази голема благодарност за нивната стручна и макотрпна работа, љубов и посветеност кон зачувувањето на ова свето наследство. Тој исто така го изрази своето задоволство поради мошне стручниот и научен пристап кон целиот процес.
Конкретно, станува збор за: 1. Процесиски крст – Распетие/Богојавление, рег. бр. 23369 и 2. Процесиски крст – Распетие/Преображение, рег. бр. 23370. Двата процесиски крста се датирани во четириесеттите години на XIX век. Иконописот е атрибуиран на зографите Михаил и Даниил од Самарина, додека резбата се смета дека ја изработиле мијачките резбари“, велат од Бигорскиот манастир.
Конзерваторско-реставраторските работи на двата процесиски крста ги изврши стручниот тим од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. Раководител на конзерваторските истражувања и на Проектот за конзервација и реставрација е д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор, додека раководител на непосредната заштита, односно на конзерваторско-рестравраторските работи е м-р Невенка Величковска, сликар, советник конзерватор. Во стручните тимови зедоа учество и Игор Кавкалески, сликар, конзерватор; Андреј Анастасов Даскаловски, графичар, конзерватор; Виктор Ирвин Иванов, фотограф и Никола Ангеловски, столар, сите вработени во НУ НКЦ – Скопје.
Конзерваторско-реставраторските зафати се однесуваа на носачот, резбата, подлогата, боениот слој, позлатата, заштитниот слој и металните држачи. Скршените делови од резбата се вратија на своите места, а за враќање на одреден откршен дел од изрезбан ружин цвет се преземаа минимални реставраторски интервенции. Ретушот се изведуваше во соработка меѓу сликарот конзерватор и историчарот на уметноста. Металните држачи беа исправени и беа премачкани со цел нивна заштита. Во текот на непосредната заштита наменски се изработија и постаменти со држачи, кои се дарение од страна на стручниот тим.
Двата процесиски крста имаат стилска и хронолошка блискост и со други дела, особено со други два процесиски крста, исто така од Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител, коишто се атрибуираат на зографите Михаил и Даниил од Самарина и на мијачките резбари. Двата литиски крста ќе бидат составен дел од богатата манастирска ризница со милениумска историја.
Интересно е да се напомене дека крстовите, по Божја промисла, му се враќаат на Бигорскиот Манастир во пресрет на празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст – Крстовден.