Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија „Костал“ која планира нови инвестиции од 50 милиони евра во следните четири години, вработување на 250 работници и извоз поголем од половина милијарда.
„Она коешто го видов внатре прво ме инспирира како универзитетски професор, како човек којшто предава предмети од полето на мехатрониката, навистина импресивно. Би рекол заедно со најсовремените и најмодерните светски текови се произведува овде кај нас во Охрид. Повеќе од 1150-тина вработени го произведуваат тоа. Директорот тоа го кажа каде сè се вградува сето тоа како модули во кои возила, во кои марки на возила, брендови, зборуваме за светските топ бренд возила, Мерцедес, Фолксваген итн. Нешто што е навистина импресивно. Кога на сето ова ќе се додадат и други можни инвестиции во Македонија од страна на „Костал“ тоа значи дека ние како Влада треба да имаме, но и мислам дека имаме, посебен пристап кон однесувањето на инвеститорите без разлика дали се тоа странски или домашни, но ваков тип на инвестиции треба да ги поддржуваме и да ги охрабруваме што повеќе да инвестираат и да ги задржиме тука кај нас“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека прават сè што можат како Влада да бидат пријатели на бизнисот, на економијата, бидејќи, како што рече, денешниот современ патриотизам е токму тоа.
„Инвестирање, обезбедување на добро платени работни места и извоз. Само така можеме да бидеме во радарот и на мапата на светските случувања. Сè останато е импровизација. Можеби скромно од претставниците на „Костал“ не беше кажано но јас ќе си дозволам, ако ми дозволат да кажам, дека тие помагаат како компанија и во делот на општествената одговорност и во средното образование, преку дуалното образование, дополнителната обука за наставниот кадар на учениците, но исто така и во високото образование. Така што мислам дека тоа претставува една одлична синергија помеѓу општеството, општината, политиката, Владата и компанијата „Костал“, додаде Мицкоски.
„Костал“ во 2023 беше девети, најголем извозник од Македонија.
Компанијата работи веќе 8 години на македонскиот пазар и бележи континуиран развој и раст.
Клиентите на „Костал“ се „фолксваген“, групација (Фолксваген, Ауди, Порше, Шкода, Сеат), Мерцедес, БМВ, Јагуар, Ланд Ровер.