Во акција на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и МВР за разбивање на меѓународен канал за кримчарење на мигранти, уапсени се девет лица, меѓу кои има деца, полицаец и затвореници.
„Денеска во раните утрински часови под раководство на јавен обвинител од Основното јаво обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, припадниците на МВР спроведоа координирана акција на повеќе локации во Општина Гази Баба и Општина Студеничани. Во акцијата се лишени од слобода девет лица меѓу кои и две деца над 16 години во судир со законот, а по две лица се трага“, се вели во соопштението од обвинителството.
Од таму информираат дека истражна постапка е поведена против 11 лица, односно дека две лица се во бегство, а разбиената група на криумчари во себе имала и затвореници.
„Постапувајќи по кривичната пријава, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица и подготвителна постапка за двете деца. Меѓу осомничените е и еден полициски службеник, како и две лица кои во моментов се на издржување на казна затвор за кривично дело – Криумчарење на мигранти. Постои основано сомневање дека сите осомничени сториле кривично дело Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти од член 418-в и Криумчарење на мигранти од член 418-б од Кривичниот законик“.
Во соопштението на обвинителството, се посочува дека криумчарските активности групата ги спроведувала од мај до октомври годинава, при што илегално пренесувале мигранти од повеќе источни земји.
„Имено, во периодот од месец мај до октомври годинава, првоосомничениот заедно со три неидентификувани лица – странски државјани по потекло од арапските земји, кои повремено престојувале на територијата на нашата држава, се здружиле и организирале меѓународна криминална група, како дел од меѓународна криминална мрежа, за илегално пренесување на групи мигранти. Во посочениот временски период, во повеќе наврати опишани во Наредбата, осомничените заради стекнување имотна корист организирале илегално пренесување на мигранти од Авганистан, Пакистан, Сирија, Кашмир и Индија. Мигрантите, меѓу кои имало и малолетни лица, преку илегални премини т.н. зелена граница во околината на Гевгелија, Демир Капија и кумановско – липковскиот регион, биле пренесувани од Р.Грција и Р.Србија на територијата на РС Македонија, а потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, координирано биле носени на претходно утврдени и договорени локации од каде осомничените припадници на групата ги прифаќале и со патнички моторни возила ги превезувале до претходно договорените локации, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ. Активностите за криумчарење се одвивале на тој начин што, првоосомничениот како организатор на претходно договорен и воспоставен начин преку телефонска и интернет комуникација, заедно со НН организаторите по потекло од арапските земји, го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територијата на РС Македонија, локацијата, времето, како и за местото каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и понатамошно превезување. Заради засилените полициски патроли и контроли на подрачјето на Гевгелија и на Демир Капија, „качаците“ преку мобилните интернет апликации, им испраќале пораки со GPS координати на организаторите за моменталната локација, кои понатаму организаторите ги споделувале со припадниците на групата“, соопштуваат од обвинителството.
Осомничените полицајци од криминаланта група, биле задолжени за логистичка поддршка на криумчарските активности, преку кои успеале да се пренесат најмалку 86 мигранти. Обвинителствоот бара притовор за осомничените.
„За успешно извршено криумчарење на мигранти преку територијата на РС Македонија, на првоосомничениот – организатор на групата преку агенти за брз трансфер на пари Western Union и Ria, како и на „рака“ му биле исплаќани парични средства кои тој понатаму ги распределувал помеѓу припадниците на организираната криминална група во зависност од нивната улога во криумчарењето.
Заради успешна реализација на криумчарењето, организираната криминална група континуирано добивала логистичка и друга поддршка од осомничениот полициски службеник, кој со умисла на друг начин помагал обезбедувајќи информации за местото и времето каде нема да има полициски контроли, патроли или заседи, односно каде по рутата по која осомничените ги превезувале мигрантите има поставени полициски пунктови.
Во наведениот период оваа криминална група илегално пренела најмалку 86 мигранти.
Предметниот обвинител, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, до судијата на претходна постапка и судијата за деца достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените“, се вели во соопштението од Основното јаво обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.