Ер Индија потврди дека 241 патник и членови на екипажот што се наоѓале во авионот загинале во трагичната несреќа што се случи рано утрово во индискиот град Ахмедабад.
Според авиокомпанијата, единствениот преживеан е британски државјанин кој во моментов се наоѓа во болница и се лекува од здобиените повреди.
Несреќата се случила кратко по полетувањето на летот од Ахмедабад кон Лондон, кога авионот се урнал под неразјаснети околности. Властите веќе започнаа истрага за утврдување на причините за трагедијата.
Британец кој ја преживеа несреќата на авионот на Ер Индија му рекол на своето семејство:
„Не знам како сум жив“ во телефонски повик неколку секунди по падот на авионот, изјави неговиот брат за Скај њуз.
Вишваш Кумар Рамеш е единствениот патник за кој досега се знае дека преживеал откако летот 171 на Ер Индија се урна во зграда во четврток попладне кратко по полетувањето од Ахмедабад, во индиската држава Гуџарат.
„Додека сè се случуваше, му направив видео повик на татко ми и му реков: „Авионот се урнал. Не знам каде е мојот брат. Не гледам други патници. Не знам како сум жив – како излегов од авионот“, рече Најан.
Вишваш претходно изјави за „Хиндустан тајмс“ дека слушнал „силен тресок“ околу 30 секунди по полетувањето – и непосредно пред да се сруши авионот.
„Сè се случи толку брзо“, изјави тој за весникот, додавајќи дека претрпел „повреди од удар“ на градите, очите и стапалата.
„Кога станав, имаше тела околу мене. Бев исплашен. Станав и почнав да трчам. Парчиња од авионот беа околу мене.“
„Некој ме зграпчи и ме стави во амбулантно возило, па ме однесоа во болница.“