Папата Лав упати силен апел до светските лидери да го запрат, како што го нарече, „лудилото на војната“, во момент кога високи американски и ирански претставници во Пакистан разговараат за завршување на шестнеделниот конфликт, јавува Ројтерс. На молитвено бдение во базиликата „Свети Петар“, тој предупреди и на опасноста од користење религиозна реторика за оправдување на војната.
Првиот папа Американец порача дека е време политичките лидери да се одалечат од логиката на ново вооружување и да изберат дијалог и посредување. „Престанете! Време е за мир! Седнете на маса на дијалог и посредување, а не на маса на која се планира ново вооружување“, изјави папата.
Тој се осврна и на страдањата на цивилите, особено на децата од воените подрачја, чии писма, како што рече, сведочат за „ужас и нечовечност“. Воедно, остро ја осуди злоупотребата на верата за оправдување на насилството, порачувајќи: „Доста е од идолопоклонство на себеси и на парите! Доста е од демонстрација на моќ! Доста е од војна!“


