ВМРО-ДПМНЕ упати серија остри критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека ја води партијата во погрешна насока и дека се однесува, како што велат, „целосно оттурнат од реалноста“.
Од партијата наведуваат дека СДС, наместо да се фокусира на внатрешните состојби, се занимава со политички случувања во други држави, посочувајќи ги изборите во Унгарија како пример.
„СДС и Филипче стануваат сè поарогантни и делуваат целосно оттурнати од реалноста. Не се соочуваат со сопствените слабости, и покрај реакциите од јавноста и поранешни членови дека партијата се води во бездна“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Филипче „се однесува како лично да има удел во победата на партијата Тиса во Унгарија“, иако, како што тврдат, станува збор за сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДС.
Во реакцијата се наведуваат и низа други теми, меѓу кои изјавите за договорот со Велика Британија, тарифите со САД и постмониторингот со Советот на Европа, при што од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Владата постигнала резултати, додека СДС, според нив, изнесувал неточни тврдења.
„СДС се сведе на 130 илјади гласови по локалните избори и ќе се сведе на уште помалку ако Филипче продолжи вака“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДС влегол во конфликти со сопартијци, медиуми и новинари, а истовремено, како што велат, „постојано се претставува како жртва на црни кампањи“.
„СДС и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со сопствената партија, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“, се наведува во реакцијата.



