„Изјавата на Христијан Мицкоски дека бруталното претепување на жена од неговиот бодигард е „мал престап и системот функционира“ е скандалозна, опасна и недозволива. За Мицкоски, семејното насилство и тепањето жена се „мал престап“. Поразителна порака до сите жени-жртви на насилство во државата. Наместо јасна осуда, Мицкоски избра да го минимизира делото и практично да застане во заштита на насилникот но и на Панче Тошковски“, велат од СДСМ по случајот со членот од претходницата на обезбедувањето на премиерот кој доби кривична и мерка притвор за претепување на својата сопруга.
Со вакви ставови, велат од „Бихаќка“, Мицкоски испраќа порака дека блиските луѓе на власта се привилегирани и заштитени, дури и кога вршат тешки кривични дела.
Според Розалија Ангелковска од Форумот на жени во СДСМ, во исто време, ова е и отворена политичка заштита за министерот Панче Тошковски. Ангелковска забележува дека додека Тошковски зборува за „безбедност“, Македонија тоне во насилство, криминал и скандали. Тврди дека додека „Македонија стана држава во која насилството е нормализирано, а одговорност нема“.
-По сите овие скандали, по целосниот распад на безбедносниот систем и по срамната изјава на Мицкоски, Панче Тошковски нема никаков кредибилитет да остане министер, беше кажано на пресот во СДСМ.
Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост остро реагираат на изјавата на премиерот дека семејното насилство, поради кое негов телохранител е во 8-дневен притвор, претставува „мал престап“. Тие го потсетуваат премиерот, дека повеќе од 20 години, актите на семејно насилство се третираат како кривични дела.
Мицкоски изјави дека случајот со неговиот обезбедувач кој заврши во притвор по напад врз сопругата е доказ дека, за разлика од минатото, сега законот важи за сите, нагласувајќи дека не толерира недисциплина во безбедносните структури.
„Тоа е доказ дека законот функционира. Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото, кога членови на обезбедување на претседател тепаа граѓани, дивееја по дискотеки и минуваа неказнето. Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ дека можеме и во иднина. Недисциплина јас не толерирам. Сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.



