Светот на телевизијата остана без едно од своите најголеми имиња. Легендарниот американски режисер Џејмс Бароуз почина на 86-годишна возраст, оставајќи зад себе богата кариера исполнета со незаборавни телевизиски остварувања.
Веста за неговата смрт предизвика бројни реакции кај колегите и соработниците, а меѓу првите кои се простија од него беа актерите од култната серија „Пријатели“, со кои Бароуз со години успешно соработуваше.
Дејвид Швимер во емотивна објава истакна дека Бароуз од секој актер го извлекувал најдоброто и дека неговата топлина, скромност и добрина направиле актерската екипа да се чувствува како семејство.
„Тој беше уште една татковска фигура во мојот живот – полн со љубов, мудар, поддржувачки и инспиративен. Веќе ми недостигаш и засекогаш ќе бидам благодарен што те имав за режисер, ментор и пријател“, напиша Швимер.
Од него се прости и Мет Лебланк, кој порача дека зборовите не можат да опишат колку големо влијание имал Бароуз врз сите што го познавале.
„Ти си вистинска икона на толку многу нивоа. Ќе ни недостигаш. Бог нека те благослови“, напиша Лебланк.
Почит му оддаде и Лиса Кудроу, која сподели заедничка фотографија и му се заблагодари за долгогодишната соработка и поддршка.
Во својата повеќедецениска кариера, Џејмс Бароуз работеше на некои од најпознатите телевизиски комедии, меѓу кои „Пријатели“ и „Вил и Грејс“. Режираше повеќе од 1.000 телевизиски епизоди, освои 11 Еми награди, а дури 48 пати беше номиниран за ова престижно признание.
Една од неговите најпознати епизоди од „Пријатели“ е „The One with the Blackout“, која му донесе уште една Еми номинација и го потврди неговиот статус на еден од најценетите телевизиски режисери во историјата.



