Алиу: Протестите на младите се морален компас на општеството

Министерот за здравство и висок функционер на ВЛЕН, Азир Алиу, со порака на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук се осврна на денешните студентски протести поврзани со барањето правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик, нагласувајќи дека гласот на младите не смее да се третира како декор, ниту како алатка за туѓи агенди, туку како јавна совест што ја коригира политиката.

„Протестите на младите не се декор за трибини, ниту сопственост на било кого. Тие се морален компас на општеството! Оние што со години и го стеснуваа просторот за дишење на младината, денес не можат да и ја одземат светлината на нејзиниот глас“, пишува Алиу.

Пораката доаѓа во момент кога студентските барања повторно се актуелизираат во јавноста, а темата добива и изразена политичка димензија.

Од ВЛЕН нагласуваат дека прашањето мора да добие системско решение, притоа потсетувајќи дека ДУИ имаа можност со години да го решат ова прашање, а денес се обидуваат да ја искористат енергијата на протестите за политички поени, наместо како поттик за конкретно институционално решение.