Пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, во објава на Фејсбук им одговори на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата дека опозицијата немала аргументи против новото задолжување од 260 милиони евра, притоа порачувајќи им дека „бројките се тврдоглави“.
Битиќи порачува дека за задолжувањето треба да се расправа „со бројки, со документи и со економска логика“, наведувајќи дека Владата првично барала 300 милиони евра, а договорила 260 милиони евра, што според него е јасна порака дека меѓународните финансиски пазари ја коригираат „розовата проекција од Илинденска ББ“.
Битиќи оценува дека заемот нема конкретна проектна архитектура и дека неговата намена е општа, односно насочена кон сервисирање на ликвидноста на Буџетот, а не кон конкретни развојни проекти како железница, болници, енергетски капацитети или индустриски зони.
Тој нагласува дека дека според актуелниот 6-месечен ЕУРИБОР и договорената маржа, заемот би чинел околу 4,66% годишно, а со камати и еднократен надоместок реалната цена за државата би се движела меѓу 321,6 и 327,6 милиони евра. Дополнително, Битиќи предупредува дека државата паралелно се задолжила и на домашниот пазар со околу 31,5 милиони евра, односно повеќе од првично планираното.
Во објавата, Битиќи потсетува дека јавниот долг од 8,5 милијарди евра во декември 2023 година денес се движи околу 10,8 милијарди евра без новиот заем, а со него се приближува до 11,1 милијарди евра, односно над 61% од БДП.
Пратеникот на СДСМ ја критикува и собраниската процедура која денес беше спроведена во врска со задолжувањето, оценувајќи дека заобиколувањето на претседателката на Комисијата за финансирање и буџет претставува „институционална принуда“.
„Аргументите и бројките ги имаме, но она што недостасува кај ВМРО-ДПМНЕ е подготвеност да се соочи со нив“, пишува Битиќи, најавувајќи дека „главното поглавје“ доаѓа со ребалансот на Буџетот, кога, како што вели, бројките ќе покажат дали Македонија навистина е „трета најбрзорастечка економија во Европа“ или само прва во регионот по економска самопофалба.



