Ученик во последната година од средно училиште во чешкиот град Табор се струполил и починал непосредно пред почетокот на завршниот испит.
Инцидентот се случил пред самата училишна зграда, каде што учениците биле собрани и чекале да влезат во училниците за полагање. И покрај брзата интервенција и напорите на лекарите кои пристигнале на местото, матурантот не успеал да биде спасен.
Директорот на училиштето, Радек Циха, ја потврди веста за смртта на ученикот. Околностите кои довеле до оваа трагедија сè уште не се познати, а полициската истрага е во тек. Поради настанот, сите планирани испити во училиштето се откажани и одложени за утрешниот ден.
Во јавноста почнаа да се шират и шпекулации дека ученикот користел дрога или други стимуланси пред испитот, но директорот одби да ги коментира овие наводи и посочи дека одговорите ќе ги даде медицинскиот наод.
„Ова сигурно ќе биде предмет на истрага, сè ќе се знае кога ќе заврши обдукцијата“, изјави директорот за медиумите.
Телото на починатиот матурант е веќе пренесено во Институтот за судска медицина каде што ќе се изврши обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.



