Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, ја обвини Владата дека преку статистички показатели создава нереална слика за економската состојба во земјата, додека граѓаните се соочуваат со сè повисоки трошоци за живот.
На прес-конференција, Битиќи реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за економските резултати, оценувајќи дека станува збор за обид од една бројка за растот на бруто-домашниот производ (БДП) да се создаде впечаток за економски успех.
„Економијата не се мери со самопофалби, туку со тоа што граѓаните реално можат да купат со својата плата – колку килограми овошје, колку месо, колку литри млеко, колку бензин, колку денови им се исполнети со достоинствен живот.
Државниот завод за статистика објави раст на БДП од 3,1% во првиот квартал. Но истиот извештај покажува дека финалната потрошувачка има учество од дури 86,4% во БДП. Ова е клучен параметар на економијата кој премиерот вчера го премолчи.
Растот главно доаѓа од потрошувачката, а потрошувачката расте во услови на високи цени, односно инфлација.
Кога граѓаните плаќаат повеќе за истите производи, номиналната потрошувачка расте. Но тоа не значи подобар живот, тоа значи поскап живот“, вели Битиќи
Тој истакна дека цените на храната и безалкохолните пијалаци на годишно ниво се повисоки за околу осум проценти и додаде дека инфлацијата во земјава е значително над просекот во Европската Унија и еврозоната.
Осврнувајќи се на индустриското производство, тој призна дека во април е забележан раст од 7,6 проценти, но потсети дека во првите два месеца од годината биле регистрирани падови. Според него, кумулативниот раст од само 0,2 проценти во првите четири месеци повеќе упатува на стагнација отколку на сериозен индустриски напредок.
Дополнително, Битиќи предупреди дека бројот на работници во индустријата е намален за 2,3 проценти во април, односно за три проценти во првите четири месеци од годината, што, според него, е спротивно на тезите за индустриски успех.
Во делот на градежништвото, тој посочи дека секторот бележи раст од 7,2 проценти, но истовремено цените на становите во Скопје се зголемени за 16,7 проценти на годишно ниво, што дополнително го отежнува пристапот до домување.
„Бруто-инвестициите растат само 1,8%, што е доказ дека не може да се зборува за структурен економски успех кој ќе создаде одржлива додадена вредност за животниот стандард.
Дополнително, странските директни инвестиции паднаа од 269,9 милиони евра во последниот квартал на 2025 година на 218,6 милиони евра во првиот квартал на 2026 година. Економскиот „успех“ што го слави премиерот во истиот квартал изгуби 51,3 милиони евра странски инвестиции.
И овде се разоткрива уште една димензија која Владата се обидува да ја сокрие – јавниот долг и финансирањето на ликвидноста. Кога растот на БДП се потпира на потрошувачка, а државата паралелно се задолжува за да ја одржува ликвидноста, станува збор за вештачко одржување на економската активност со пари што ќе ги враќаат граѓаните.
Јавниот долг со новото задолжување од 260 милиони евра се приближува до 11,1 милијарди евра. Имаме економски модел во кој Владата се обидува денес да добие политичка корист, за која граѓаните утре ќе ја платат цената.“, тврди пратеникот на СДСМ.
Тој заклучи дека економски раст кој е поттикнат од инфлација и задолжување не претставува вистински развој и не носи подобар животен стандард за граѓаните. Според Битиќи, реален економски напредок постои само кога граѓаните можат да купат повеќе со своите плати и да планираат посигурна иднина.



