Османи до ВЛЕН: Никогаш не би коалицирал со оние што ја негираат независноста на Косово

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, реагираше на обвинувањата од коалицијата ВЛЕН, оценувајќи дека тие, како што вели, се обидуваат официјалните дипломатски активности да ги прикажат како политички одлуки.

Османи ги отфрли тврдењата на ВЛЕН дека во 2021 година, како министер за надворешни работи, на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ разговарал за унапредување на положбата на Србите во Северна Македонија.

Според него, станува збор за мешање на дипломатските обврски со политичките ставови.

„Мора да бидат навистина очајни во ВЛЕН, ако отишле дотаму што официјалните состаноци на Министерството за надворешни работи ги претставуваат како политички определби, додека секојдневното коалицирање со негатори на независноста на Косово, негатори на геноцидот во Сребреница и релативизатори на Охридскиот договор го претставуваат како нормалност“, порача Османи.

„И денес повторно би се сретнал со секој свој соговорник, дури и кога не се согласувам со него, затоа што тоа е должност на министерот за надворешни работи. Но никогаш не би избрал да коалицирам со оние што ја негираат независноста на Косово, го релативизираат геноцидот во Сребреница или ги поткопуваат правата на Албанците. Тоа е разликата меѓу дипломатијата и политичкото потчинување“, порача Османи.

Инаку, реакцијата следи откако претходно ВЛЕН објави документ од Претседателството на Србија која според нив ја побива „пропагандата на ДУИ за српскиот свет“.

Advertisements

Во соопштението ВЛЕН оценува дека овој документ открива дека за време на долгогодишното владеење на ДУИ, албанските прашања не биле нивен главен приоритет.

„Ова е доказ што го руши целиот политички театар на ДУИ. Тие што денес најгласно зборуваат за ‘српскиот свет’, вчера седеа на маси на кои се разговараше за теми што, според нас, не беа поврзани со приоритетите на Албанците, а денес се обидуваат вината да ја префрлат на други“, рекоа од ВЛЕН.