Гоце Наумовски поднесе оставка, Уставниот суд дознал преку Африм Гаши

Уставниот судија Гоце Наумовски поднел оставка на функцијата, но без официјално да го извести Уставниот суд, претседателот на Судот Дарко Костадиновски или останатите уставни судии.

Од Уставниот суд информираат дека во текот на денот се обидувале да стапат во контакт со Наумовски, но тој не одговарал на телефонските повици. Поради тоа, претседателот Дарко Костадиновски телефонски разговарал со претседателот на Собранието Африм Гаши, кој потврдил дека судијата го известил оти поднесува оставка.

„До Судот, од страна на судијата Гоце Наумовски не е доставена официјална информација дека поднесува оставка. Судијата денеска беше отсутен од седницата. Официјална потврда не е пристигната ниту од Собранието. Претседателот Костадиновски единствено доби потврда за оставката во телефонски разговор од претседателот на Собранието Африм Гаши“, соопштија од Уставниот суд.

Оттаму додаваат дека Наумовски претходно најавил дека ќе присуствува на денешната седница, но не се појавил. Засега не се познати причините поради кои одлучил да се повлече од функцијата.

Со неговата оставка, Уставниот суд ќе продолжи да работи со седум судии.

Наумовски беше избран за уставен судија во февруари 2026 година, избор што тогаш предизвика бројни реакции во јавноста, бидејќи на функцијата дојде од позицијата советник на премиерот Христијан Мицкоски. Тој е брат на Васко Наумовски, поранешен вицепремиер и амбасадор во Вашингтон за време на владата на Никола Груевски.

Advertisements