Повеќекратните лабораториски и теренски анализи потврдија дека водата од градскиот водовод во Гостивар е целосно прочистена од фекални бактерии и од денеска може официјално да се користи за сите домашни технички потреби. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој раководи со Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
Според официјалните наоди од експертските тимови, граѓаните на Гостивар сега можат да ја користат водата за одржување хигиена и за бањање, но таа сè уште не е безбедна за пиење и за подготовка на храна.
Поради оваа причина, надлежните служби ќе продолжат со континуирана дистрибуција на флаширана питка вода за населението до нејзино целосно нормализирање.
Министерот Тошковски од прес-конференцијата упати порака за благодарност до граѓаните, но и сериозно предупредување до сите одговорни чинители:
„По повеќекратни испитувања, имаме добиено потврда од страна на експертите дека истата ќе може да се користи како техничка вода, за бањање и сите потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење – ниту пак за подготвање на храна“, кажа Тошковски на прес-конференција денеска.
Тој дополнително ги истакна преземените мерки за дезинфекција и идната одговорност на институциите:
„Им благодарам на гостиварци за разбирањето, како и на експертите кои ги преземаа сите активности во делот на хиперхлорирање и воспоставување на апаратура, за да дојдеме до фаза да имаме техничка вода, а се надевам за брзо, ќе известиме точно кога, дека ќе дојдеме и до вода за пиење. Се надевам дека за сите одговорни ова ќе биде за памет, и еднаш засекогаш понатаму ќе постапуваат максимално професионално и во рамки на нивните законски утврдени надлежности во делот на контрола на квалитетот на водата, заради тоа што со здравјето и безбедноста на граѓаните играње нема“, рече Тошковски.



