Каматите во банките ќе растат, а инфлацијата се очекува да паѓа и да изнесува од 8 до 9 отсто до крајот на годината, оценува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето обраќање на годишната конференција „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“, во организација на Стопанската комора на Северна Македонија.
„Нашето основно макроекономско сценарио е дека двоцифрената инфлација од минатата година постепено ќе се стабилизира и ќе забавува. Оваа година очекуваме да изнесува 8 до 9 проценти, а на среден рок да продолжи да забавува, без притоа економијата да влезе во рецесија. Но, има важни претпоставки за ова сценарио да се оствари. Пред се, многу е важен глобалниот контекст кој се уште е многу неизвесен“, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката Ангеловска – Бежоска, вели дека колку економијата е увозно зависна особено во енергетскиот сектор, како што е нашата, толку шокот од кризата е поголем.
„Во однос на домашните фактори, многу е битно да продолжиме со координирани прудентни макроекономски политики кои ќе бидат насочени кон поддршка на најпогодените сегменти од економијата, краткорочно да се делува, но истовремено и со зајакнување, а инвестицискиот циклус може да одигра клучна улога. Фокусот ни е на макроекономските политики и тие по правило се прва линија на одбрана, како и прва линија на инструменти за стабилизација на економијата, но не се и клучниот двигател на растот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Според неа, во услови на инфлациски движења, централните банки немаат друг избор освен да реагираат во насока на затегнување на монетарната политика.
„Ние, практично, во глобални рамки, се соочуваме со најсинхронизираниот циклус на затегнување на монетарните политики во изминатите 50 години со интензитет кој е двојно посилен од просечниот на претходните инфлациски епизоди. Затегнувањето може да го успори растот кој секако забавува“, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска.