Во мало село на северот од Босна и Херцеговина се одгледуваат десетици ретки и необични растителни видови, меѓу кои и Aji Charapita – една од најскапите пиперки во светот.
Земјоделката Весна Бошњак од Усора вели дека оваа дива перуанска пиперка на светскиот пазар достигнува исклучително висока цена.
„Според американскиот пазар, килограм сушена Aji Charapita чини околу 20.000 долари. Најчесто се користи за декоративни цели, иако може да се консумира. Во елитните ресторани има посебна намена. За жал, немам пазар каде би можела да ја продадам по таа цена, инаку немаше да одгледувам ниту малини ниту боровинки“, изјавила таа за N1.
Покрај ретките зачини и зеленчук, во нејзините пластеници се одгледуваат и бројни сорти домати кои не се вообичаени за БиХ. Мароканска нане, мечкина шепа, џиновско воловско срце и „бабина тајна“ се само дел од растенијата што ги одгледува на својот имот.
Бошњак открива дека има повеќе од 70 сорти пиперки и над 230 сорти домати.
„Не ги бројам веќе. Сакам егзотични сорти и разновидност – од зачински билки до овошје и зеленчук“, вели таа.
Нејзиниот имот се наоѓа во населбата Омањска во Усора, од каде многу млади луѓе заминале во странство во потрага по работа. Поради недостигот на работна сила, таа не планира да го проширува производството.
Поголемиот дел од производите ги одгледува за своето семејство, а остатокот го продава директно од дома, на земјоделски саеми и преку социјалните мрежи.
Сепак, таа смета дека домашните производители не добиваат доволна поддршка.
„Ниту малите ниту големите земјоделци немаат вистинска поддршка. Во 2024 и 2025 година ми беа оштетени два пластеника, но не добив никаква отштета. Општината не прогласи ниту елементарна непогода, а камоли некој да праша дали ни е потребна помош“, истакна Бошњак.



