Враќање на дневната евтина тарифа на струјата најави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), во гостување во СТУДИО 10 на ТВ 24.
„Некаде во февруари најавивме дека ќе направиме анализи за воведување евтина тарифа во текот на денот. Тоа го правиме затоа што има промена на пазарот на струја во Европа“, рече Бислимоски.
Тој посочи дека има изградба на големи површини со фотоволтаици и тоа помогна да се намали цената на електричната енергија.
„Со можноста за евтина тарифа во текот на денот сакаме да испратиме порака до ЕСМ и ЕВН дека има услови за тоа. Исто така ќе се испрати порака до другите учесници во електричниот пазар во земјата да ги користат фотоволтаиците“, вели Бислимоски.
Првиот човек на РКЕ соопшти дека минатата сабота во 13 часот цената на струјата била 1,68 евра за мегават час.
„Овој тренд на паѓање на цените ќе продолжи. Оваа недела кога имавме полошо време се покачи цената на над 100 евра но и тоа е далеку од оние цени од пред шест месеци. Идејата ни е она што се случува на пазарот да се преслика кај потрошувачите. Ќе видиме колку ќе биде таа евтина тарифа, а сигурно ќе биде поевтина од првиот блок, и во кој период од денот ќе биде“, вели Бислимоски.