Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска одржа средба со група од десетина бизнисмени и инвеститори од бизнис асоцијацијата Румелисијад од Бурса, Република Турција, на која порача дека Република Северна Македонија нуди исклучително атрактивен пакет за поддршка на инвестициите.
Пред бизнис делегацијата од Турција, вицепремиерот Битиќи истакна дека за определени дејности, како што се преработувачкиот сектор, ИКТ и производството на храна, компаниите можат да добијат поддршка и до 50% од вкупните инвестиции во основни средства.
„Битиќи ги потенцираше традиционално добрите економски и политички односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција, напоменувајќи дека во земјава постојат и успешно работат десетици турски компании и дека токму тие се вистинскиот гарант кој треба да им влева сигурност во носењето на одлуката да ја изберат Северна Македонија за нивниот следен инвестициски циклус“, се вели во соопштението од Владата на Република Северна Македонија.
Од Владата информираат дека средбата е одржана во организација на Македонско – турската стопанска комора (МАТТО), претставници од кабинетот на Битиќи и од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
Пред турските инвеститори владините претставници одржале и економска презентација, во која ги претставиле инвестициските можности во земјава, но и понудиле одговор на прашањата и дилемите кои инвеститорите ги имаа за конкретни сектори и потенцијали.
Од Владата најавуваат дека за време на посетата на земјава, турските инвеститори ќе имаат и организирана посета во Технолошко-инвестициската развојна зона, каде што ќе се запознаат со условите и поволностите кои им стојат на располагање доколку својата инвестиција ја реализираат во некоја од ТИРЗ зоните.