„Политико“: ЕУ има проблем со шпиони – еве зошто е тешко да се фатат

Во Брисел на пример, регистрирани се околу 26 000 дипломати што работат во бројните дипломатски мисии. Секој од нив би можел да биде шпион, а некои проценки говорат оти во одредени амбасади меѓу 10 и 20 отсто од персоналот се всушност разузнавачи. Добар параван за прекривање е и новинарската професија

Брисел, како што скоро сите знаат, е преполн со шпиони. Тие седат во бар каде се одржува некој настан за вмрежување. Тие креваат рака во прес-салата на брифинзите во седиштето на Европската Унија (ЕУ). Ако му се верува на предупредувањето кое персоналот во Европската служба за надворешни работи го доби во 2019, шпионите слушаат седејќи во кафулињата и рестораните во близина на седиштетот на Европската комисија (ЕК).

Advertisements

Вака порталот „Политико“ ја почнува анализата за проблемот со шпионажата на ЕУ, анализирајќи зошто е тешко разузнавачките служби да се борат против неа.

Дека ѕидовите имаат уши одамна е познат факт низ бриселските улици. Но, во ситуација кога ЕУ ги засилува напорите против руското непријателство, кинеското шпионирање и геополитичките игри, борбата против шпионажата добива повторно на внимание.

Проблемот на оние што се задолжени да го решат проблемот е во тоа колку може да се направи. А одговорот, барем засега, се чини дека е: Недоволно.

За почеток, наведува „Политико“, никој не знае колку шпиони оперираат во главниот град на ЕУ. Кога ќе ги прашате белгиските безбедносни службеници да дадат број на шпиони, некои знаат и да се пошегуваат дека би биле среќни ако некој може да го дознае и да им го каже тој податок.

САД и Австралија, на пример, бараат луѓето кои работат за странски интереси да се регистрираат и на таков начин барем обезбедуваат увид во обидите да се влијае врз политичките процеси. Белгија, пак, такво нешто не бара.

Брисел е домаќин не само на институциите на ЕУ и НАТО туку и на околу 100 други меѓународни организации и 300 странски дипломатски мисии. Заедно, според белгиското МНР, сите тие имаат вработено околу 26 000 регистрирани дипломати. А, секој од нив е можен шпион. Според проценките на белгиските безбедносни служби, наведува бриселскиот портал, во некои амбасади меѓу 10 и 20 отсто од дипломатите се разузнавачи.

Не само што дружбата со високи функционери и откривањето информации е дел од описот на нивната работа, туку проблем е и што дипломатите се заштитени од кривично гонење, па и во случај на шпионажа.

Покрај дипломатијата, новинарството е уште една добра професија која може да послужи како параван. Обезбедува пристап до низа настани и можности за новинарите, а служи и како добар изговор за некој скриен шпион да покаже љубопитност, да изгради контакти со функционери итн. Податокот од проценките на белгиските служби што го пренесува „Политико“ е дека секој петти кинески новинар во Брисел е всушност разузнавач.

Обработувајќи го проблемот со шпионажата, порталот посочува и на „слабост“ што фаќањето на шпиони во Брисел во најголем дел зависи од белгиската влада.

Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и НАТО имаат своја безбедносна канцеларија, но таа работи само на спречување шпионите да навлезат во нивните згради и да имаат пристап до чувствителни документи. Формална разузнавачка агенција на ЕУ не постои, а нема ниту некоја чадор организација која ќе ги координира националните шпионски служби на 27-те земји-членки на Унијата. За разлика од ова, на пример националните полициски сили се координираат преку Европол.

Пренесувајќи изјава од анонимен белгиски функционер кој често е во контакт со разузнавачките агенции, „Политико“ наведува дека таква координација на ниво на ЕУ нема да се случи наскоро.

Во обидите да се зголеми борбата против шпионажата, пак, белгиската влада годинава усвои закон со кој на безбедносните службеници им дава поголема слобода во текот на нивните истраги. Белгиската државна служба за безбедност, исто така, најави дека ќе го удвои својот персонал на 1 000 луѓе до 2024 година, но колку од нив ќе работат на контраразузнавање е доверливо.

Сепак, тука се и критиките дека не се прави доволно.

Интересен аспект што го обработува „Политико“ во однос на борбата против шпионажата е и тактиката на белгиските разузнавачки служби да не бидат во центарот на вниманието. Според неа, шпионите кои биле фатени можеби никогаш нема ни да дознаат дека се разоткриени. Наместо правење помпа околу тоа, на нив едноставно им се кажува да ја напуштат земјата или пак, да ги информираат соговорниците од кои шпионите влечат информации, со што ќе им го „пресушат“ изворот.

Анализата за проблемот со шпионажата „Политико“ ја завршува со изјава од портпаролот на белгиското МНР со која се пренесува пораката дека првиот чекор да се заштитиме е да сфатиме дека шпионажата не е научна фантастика туку е опиплив и реален ризик.