Зголемувањето на минималната плата во првиот квартал на 2023 година, како што вчера најави премиерот Димитар Ковачевски нема да предизвика удар врз стопанството, смета Ангел Димитров од Организација на работодавачи. Тој посочува дека во овој случај се работи за усогласување на висината на минималната плата согласно растот на трошоците за живот и согласно растот на просечната плата.
„Ова не е ништо ново, уште 2010 година, кога првпат во Македонија се донесе Закон за минимална плата беше предвидено такво услогласување секоја година, но тогаш се усогласуваше со една третина од растот на БДП, една третина од растот на трошоците за живот и една третина од растот на просечната плата“, вели Димитров.
Појаснува дека лани кога се усвои Законот, номинално се зголеми и директно се покачи на 18.000 денари се изменила и методологијата.
„Сега ќе се усогласува секоја година половина од растот на трошоците за живот и половина од растот на просечната плата. Но, за разлика од порано сега има уште една заштита, а тоа е дека минималната плата не смее да биде помала од 57 проценти од просечната“, рече Димитров.