„Одлуката за „замрзнување“ на цената на лебот е задоцнета и не треба да се однесува само на лебот, туку на сите основни прехранбени производи, како во ноември лани“, изјави економскиот аналитичар, Бранимир Јовановиќ во вечерашната „Топ тема“ дебата на Телма ТВ.
Тој смета дека оваа одлука не само што е задоцнета, туку дека и не е спроведена на добар начин.
„Ова требаше да се направи уште лани. Всушност се направи лани, на крајот на ноември кога три месеци имавме „замрзнување“ на цените на неколку производи и во тој период, Македонија имаше најниска инфлација во целиот регион. Потоа Владата, од непознати причини, одлучи да ги „одмрзне“ цените и да оди со политика на „замрзнување“ на маржи, па им попушташе на фирмите, им даваше пониски даноци, пониски царини, пониски цени на струја. Практично се што ќе и побараа на Владата, тие им даваа, и ги разгалија. Им трупаа пари во џебови и сега фирмите се бунат затоа што Владата им го ускратува тоа што им го даваше цела година“, вели Јовановиќ.