Комерцијална банка ги предупреди своите клиенти и јавноста дека е забележана измамничка кампања во која се испраќаат лажни пораки по електронска пошта со цел да се измамат примателите и да се инсталира злонамерен софтвер.
Како што информира Банката, испраќачите лажно се претставуваат во име на Комерцијална банка и испраќаат известување за наводно плаќање, при што во пораката е прикачен фајл што содржи вирус.
Од Банката предупредуваат дека со отворање на прикачениот фајл, корисникот се изложува на сериозен безбедносен ризик, бидејќи злонамерниот софтвер може да овозможи пристап до лозинки, лични податоци и други доверливи информации зачувани на уредот.
Комерцијална банка апелира граѓаните да не го отвораат прикачениот фајл, да не кликнуваат на сомнителни линкови и веднаш да ја избришат пораката доколку ја добијат.
Од Банката советуваат дека лажните пораки најчесто може да се препознаат по тоа што бараат итна реакција, се повикуваат на важни финансиски трансакции или предупредуваат за наводно губење на пристап до сметка. Дополнително, тие често содржат граматички и правописни грешки, а важно е внимателно да се провери и e-mail адресата и домејнот на испраќачот.
Целта на ваквите измами е прибирање на чувствителни информации и инсталирање злонамерен софтвер на уредите на корисниците.
Комерцијална банка ги повикува граѓаните да бидат особено внимателни, да ги следат препораките за сајбер-безбедност и да ја споделат оваа информација со своите блиски за да се спречат можни злоупотреби.



