Македонија во моментов нема никакви потешкотии во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, а енергетскиот систем е целосно стабилен и под контрола, порача премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Ѓорче Петров, каде присуствуваше на поставување камен-темелник за нов проект.
Тој истакна дека државата е добро подготвена да одговори на сите потенцијални енергетски предизвици, нагласувајќи дека синџирите на снабдување со дизел, бензин и керозин функционираат без прекини и со редовна координација со добавувачите.
„Во овој момент состојбата со нафтата и нафтените деривати е навистина стабилна. Немаме никакви индикации за проблеми во снабдувањето, а комуникацијата со сите релевантни партнери е постојана“, изјави премиерот.
Мицкоски додаде дека во функција е и цевководната врска меѓу Солунското пристаниште и рафинеријата „Окта“, што дополнително ја зајакнува сигурноста во снабдувањето и логистиката со горива во земјата.
Според него, Македонија во моментов нуди едни од најниските цени на горивата во регионот, што веќе се одразува и на зголемен сообраќај на граничните премини, каде граѓани од соседните држави доаѓаат да точат гориво.
„Забележуваме зголемување на потрошувачката во пограничните региони и до 30 проценти, токму поради разликата во цените“, посочи тој, додавајќи дека дизелот во земјата е значително поевтин во споредба со Грција и Србија.
Премиерот порача и дека државата денеска ја рефлектира стабилноста во регионот, нагласувајќи дека се завршени времињата кога, како што рече, Македонија барала надворешна помош и поддршка за справување со кризи.



