Ако Регулаторна комисија за енергетика ги прифати барањата на енергетските компании просечната цена на струјата ќе се зголеми од 3,5 до 4 отсто. Заедно со ДДВ-то кое од 1 јануари 2023 година ќе се врати од 5 на 10 отсто зголемувањето на цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде околу 9 отсто.
– Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.
Претседателот на РКЕ, Бислимоски информираше дека нема увоз на струја за задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Блоковите за домаќинствата остануваат исти, а воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одложува до 1 јули 2023 година.
Според претседателот на РКЕ за домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одлага до 30 јуни идната година.
Тој информираше дека можно е намалување на дистрибутивната маржа со оглед на тоа дека Електродистрибуција побарала за 2,8 намалување на цената за дистрибуција.
АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција“ бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија.
Тој додаде дека може да потврди дека трошокот за дистрибуција на електрична енергија ќе биде намален.
– На тој начин ќе се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и за сите компании коишто се на слободниот пазар на електрична енергија. РКЕ ги анализира барањата. Нашата методологија е во целост усогласена со европското законодавство и има таму голем број на елементи коишто влијаат на крајната цена. Тоа се пред се трошоци за дебаланси, понатаму фактор на корекција коишто го имаат трите компании и исто така има и други елементи како што се пренесени трошоци, така што сите овие елементи овие денови ги анализираме и во текот на оваа недела врз основа на тие анализи ќе ги донесеме конечните одлуки, рече Бислимоски.