Градоначалникот на хрватскиот град Вис, Хрвоје Мратиниќ, денес околу 9:30 часот бил физички нападнат во самиот центар на градот, пренесуваат хрватските медиуми.
Според информациите, инцидентот се случил кога градоначалникот лично дошол да отстрани дел од угостителската тераса на кафулето „Билиба“, односно клупи и перници кои, според градските власти, со години биле поставени на јавна површина.
Односите меѓу градската управа и сопственичката на локалот, Ана Ковач, подолго време биле затегнати. Несогласувањата започнале по стапувањето на Мратиниќ на функцијата, а во изминатиот период се воделе расправи околу организирањето концерти и користењето на јавниот простор.
Според хрватските медиуми, утринскиот инцидент е кулминација на повеќемесечните тензии. Наводно, градоначалникот бил удрен од братот на сопственичката на кафулето, по што паднал и останал да лежи на земја.
Жител на Вис изјавил дека проблемот со угостителските тераси трае со години и дека дел од локалите користат поголема површина од дозволената. Сепак, според него, невообичаено е градоначалник лично да интервенира на терен во вакви ситуации.
Хрвоје Мратиниќ стана градоначалник по победата на минатогодишните локални избори, кога уште во првиот круг го победи долгогодишниот градоначалник Иво Радица, кој ја извршуваше функцијата 16 години.



