Левица очекува двојно да го зголеми резултат од првиот круг на претседателските избори и да освои од 80 до 120 илјади гласови на парламентарните избори со проекција од осум до 12 пратеника зависно од излезноста. На следниот мандатар му порачуваат дека основа за преговарање е македонската Платформа за национално единство. Што повеќе левичарски пратеници во Собранието тоа е поголема гаранција дека нема да има Бугари во Уставот, вели во интервју за МИА претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Во однос на резултатите од првиот круг на претседателските избори, Апасиев вели дека лично очекувал од 60 до 80 илјади гласови, но дека и со 41 илјада Левица го положиле матурскиот испит самостојно да собере 10 илјади потписи без никакви коалиции и потоа да оди на избори со поддршка на независен кандидат.
– Од аспект на резултатите ви кажав, јас очекував од 60 до 80, тие се 42 илјади, но сега влегуваме во нашите главни избори, а тоа се парламентарните оние за коишто ние имаме практично и адут во рака, а тоа се двајцата пратеници кои бевме во Собранието, така што тоа се материјалните прилики. Ние ги прифаќаме како такви, не очајуваме. Напротив, учиме од искуството и одиме сега да освоиме, да го дуплираме овој резултат, практично да освоиме – нашата проекција е од 80 до 120 илјади гласови, бидејќи статистички гледано секогаш парламентарните избори имаат повисок одѕив од претседателските и тој одѕив во случајов изнесува цирка околу 100 гласови коишто ќе излезат на гласање и тие се најчесто проопозициски гласови и оттука ние очекуваме да растеме на парламентарните избори, вели Апасиев.
Ние, посочува Апасиев, одиме со проекција од осум до 12 пратеника зависно од излезноста и така ако гледате – да, не може да има влада без Левица, особено промакедонска влада, инаку може да има влада без Левица во секој момент, но тоа, како што нагласува, е влада на двете други платформи кои ние не ги застапуваме и со кои ние не ни преговараме – софиската и тиранската платформа, додека ние нудиме македонска платформа.
– И таа ќе биде основа за преговарање со кој било мандатар следен на којшто ќе му затребаат мандатите на Левица за да тераме македонска платформа. Таа е во пет точки, многу едноставна со цел да запрат уцените кои веќе две децении ги гледаме после Рамковниот договор, а тоа се уцени на федерализација, разградување на државата и уцени од албанското малцинство со цел – гледате какви се, секои избори се се’ поголеми и сега одат на тоа да се укинат 20 отсто, да се воведе албански јазик како уставен, значи класична кантонизација. Потоа се оди на тоа да не се бира претседател на избори со тајно гласање, туку со Бадентер во Собрание, Села изјавуваше дводомни парламенти. Значи, тоа се платформите и народот конечно треба да се одлучи за која платформа. Три платформи се во игра. Ние ја застапуваме македонската и ќе видиме до кај ќе стасаме, нагласува Апасиев.
Според Апасиев, Левица не мора да влезе во Влада и не се фокусирани стриктно да дојдат само на власт, подвлекувајќи дека покажале дека може да бидат корисни за Републиката дури и како опозиција со двајца пратеници. Сепак, појаснува тој, ако идниот мандатар смета дека е уценет од Вреди или од ДУИ, и ни понуди соработка, ова, како што вели, е нашата македонска платформа во пет точки.
– Со оваа платформа конечно ние ставаме црвени линии и ги повикуваме сите македонски партии да се обединат позади оваа платформа затоа што секој нареден мандатар покажува дека е се’ попустлив кон албанското малцинство. Тоа е недозволиво затоа што или градиме современа секуларна и модерна држава или се враќаме во 19 век. Оттука, ние го нудиме овој концепт, појаснува Апасиев.
Прашан зошто иако фокусот на нивната програма се работничките права, од досегашната кампања акцентот повеќе е на популистички мерки, Апасиев вели дека таков е наметнат наративот во медиумите и дека тие мора да го следат она што се пласира во јавноста.
– Во јавноста во моментот најбитна тема е Бугари во Устав, дводомни парламенти, такви теми, УЧК се скандира. Значи, се оди на национализам, на националшовинизам, на етнотрибализам и оттука ако сакате во тој ринг ние сме спремни и во тој ринг да се боксуваме, зборувам со нашите политички непријатели. Оттука, ние како левичари, социјалисти не бегаме од националните прашања притоа третирајќи го и класното прашање, нагласува Апасиев.