Од денеска до 26 декември оваа година Евреите го слават празникот Ханука или Хаг Хаурим, празникот на слободата и светлината.
Ханука се слави во спомен на тригодишната ослободителна војна и ослободувањето на Ерусалим во 165 п.н.е., кога „кандилото повторно се запали и идолите беа исфрлени од Храмот“.
Во деновите на Ханука, Евреите се сеќаваат на победата на еден од петте синови на Хакохен – воениот водач наречен Макаби (чеканот) – над Сиријците и повторното осветување на храмот во Ерусалим.
Прославата трае осум дена, при што еврејските семејства палат осмокрак свеќник(ханукија), кој наликува на менора, со осум главни и еден помошен крак.
Најпрво се ставаат осум еднакви свеќи, по една за секој ден од празникот, од десно кон лево, потоа со специјална свеќа „шамаш“ што стои на помошниот крак, свеќите се палат од лево кон десно, секој ден, така што на крајот на осмиот ден од празникот сите свеќи се запалени.
Легендата вели дека по уништувањето на ерусалимскиот храм, во него било пронајдено масло за менора, кое било доволно само за еден ден. Но, маслото во кандилото горело цели осум дена, што во јудаизмот се смета за чудо.
Во деновите на Ханука се пеат оди за Ерусалимскиот храм, се јадат крофни сите осум дена од празникот, кој се слави во домовите, училиштата, еврејските заедници, здруженијата и на плоштадите. Во Израел се палат свеќи на сите плоштади и пред градското собрание.
На Ханука се честита со изразите: Ханука лесимха! Среќна Ханука! Земан урим лесимха! Време на свеќи за радост.