Познатиот гитарист на шведската група АББА, Лас Веландер, по битка со ракот почина на 70-годишна возраст.
Тажната вест ја потврди и неговото семејство.
„Со неопислива тага мораме да објавиме дека нашиот сакан Лас заспа. Како што се покажа, тој неодамна се разболе од рак кој се прошири, а почина рано наутро на Велики петок опкружен со своите најблиски“, напиша семејството.
„Ти беше неверојатен музичар и скромен, но најмногу од сè беше прекрасен сопруг, татко, брат, вујко и дедо. Љубезен, сигурен, грижлив и полн со љубов… и уште многу што не може да се опише со зборови. Те сакаме многу и ни недостигаш“, се вели во објавата на семејството.
Уште од мали нозе покажал наклонетост кон музиката, а со познатата група започна да соработува во 1974 година. Со нив ги отсвири некои од најголемите хитови, а беше на турнеи во 1975, 1977, 1979 и 1980 година. По распадот на групата АББА, тој продолжи да работи самостојно, а во 1981 година го издаде својот соло албум.
Тој исто така соработуваше со култната група на нивниот албум „Voyage“ објавен во 2021 година.