Фудбалерот Кристијан Атсу по кого се трагаше дванаесет дена по страшниот земјотрес што го погоди источниот дел на Турција е пронајден, за жал мртов под урнатините. Тажната вест ја соопшти менаџерот Мурат Узунмехмет на овој 31-годишен фудбалер кој настапуваше за клубот Хатај во градот Антиохија во истоимената турска провинција.
Во моментот на земјотресот Атсу бил во зградата каде што живеел.
Атсу e поранешен играч на Челзи кој еден ден пред кобниот земјотрес резервирал авионски билет за Франција, имал намера да оди кај семејството и да бара нов клуб, но на крајот решил да остане во Турција и да ја прослави победата со соиграчите.
„Атсу му кажа на тренерот дека сака да добие повеќе време за да одлучи сè. Имаше билет по натпреварот против Касимпаша, за да замине во странство кај своето семејство. Тој одигра одлично во својот последен натпревар, го постигна победничкиот гол во последната секунда.По натпреварот беше толку среќен. Го гушна тренерот Волкан. Имаше авионска карта, но се откажа од неа бидејќи играше добро и постигна гол, па сакаше да остане со соиграчите. Имаше лет во 23 часот. Прво требаше да оди во Истанбул, а потоа во Франција“, изјави вработен во Хатајспор Фатих Илек.
Имаше надеж дека Атсу сè уште е жив под остатоците од урнатата зграда, а неколку дена претходно се појавија непроверени и неточни информации дека интернационалецот од Гана е спасен и хоспитализиран. Вечерта пред трагичниот земјотрес Хатај ја победи Кашимпаша во турската Суперлига, а победничкиот гол во судиското надополнување го постигна крилниот напаѓач роден во Ада Фоа, Гана.
Атсу беше репрезентативец на својата земја од 2012 до 2019 година и за тоа време одигра 65 натпревари за националниот тим и постигна 9 гола. Имаше и богата клупска кариера, која ја започна во Порто, па потоа се пресели во Премиер лигата и ги бранеше боите на Њукасл и Челзи .
Christian Atsu has been found dead under the rubble of his home almost two weeks after the Turkey earthquake, his agent has confirmed ?? ?
Our thoughts go out to his friends, family and loved ones ? pic.twitter.com/6C3PKC06Mu
— SPORTbible (@sportbible) February 18, 2023