Правниот тим на Бојан Јовановски со прекар Боки 13 денеска извести дека тој од болничко лекување повторно е вратен во затворот „Идризово“ во пред канцерогена состојба.
„Ваквото постапување е спротивно на препораките дадени од десетици лекари кои го лекуваа Јовановски во изминатиот период, спротивно на конзилијарните мислења и лекарските извештаи. Во нив јасно стои дека без прекин на казната, услови за лекување на метаплазието на желудник не може да се спроведе во пенални услови, а со оглед на специфичната состојба во која се наоѓа“, се вели во соопштението од адвокатскиот тим на Јовановски.
За предканцерогената состојба на Јовановски, доставена е и медицинска документација – хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје каде се констатира дека нодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.
„Од медицинската документација, јасно стои: „доколку не се спроведат дадените препораки за понатамошно лекување на пациентот исклучиво и единствено во задолжителни домашни услови, согласно сето погоренаведено ќе настанат трајни последици по животот и здравјето на пациентот. Наодот е реферириран на стручен колегиум на ЈЗУ УК св. Наум Охридски и стручниот колегиум е едногласно согласен за дадените препораки и упатство за понатамошно лекување“. И од Клиниката за дигестивна хирургија е посочено: „Се придржуваме кон препораките издадени од колегите од ЈЗУ УК св. Наум Охридски, со оглед на фактот дека пациентот таму е опериран и лекуван и од ЈЗУ за Гастроентерохепатолигија каде што е прегледуван и иследуван“, се вели во информацијата.
Јовановски веќе алармираше, како што вели правниот тим, дека е„ мета на невидена и незапаметена тортура, која исто така, влијае на неговото здравје“.
„Враќањето на Јовановски во пенални услови и во ваква здравствена состојба не претставува само грубо кршење на неговите права, туку и опасност за неговиот живот. Јовановски очекува тортурата кон него да биде поинтензивна и поради сите јавни објави. Ја повикуваме јавноста будно да го следи процесот кој тој го иницираше“, вели правниот тим на Јовановски.