Успешен тест на „зелен“ авионски мотор

Британскиот производител на луксузни автомобили и мотори „Ролс Ројс“ и европската авиокомпанија „Изи Џет“ објавија дека успешно тестирале млазен мотор на водород. Станува збор за технологија за која компаниите се уверени дека може да помогне во намалувањето на емисиите на стакленички гасови од воздухопловството.

Тестот на земја го означува „првото возење во светот на модерен аеро-мотор на водород“, се вели во соопштението кое го дистрибуираше до медиумите „Ролс Ројс“.

Авијацијата се смета за една од најтешките индустрии за намалување на загадувањето бидејќи е многу потешко да се направат електрични авиони отколку електрични возила. Батериите што се напојуваат со обновлива сончева и ветерна енергија сè уште се премногу гломазни за да би можело да се користат за авионски летови.

Advertisements

Поради оваа причина, а во насока на намалување на емисијата на стакленички гасови во авиоиндустријата, авиокомпаниите и производителите на авиони работат на развој на авиони кои можат да користат почисти горива, како што е водородот, кој кога се согорува произведува водена пареа наместо јаглерод диоксид.

За тестирање на земја, кое е спроведено во Велика Британија, двете компании користеле конвертиран авионски мотор „Ролс-Ројс АЕ 2100-А“.

Горивото за тестот на моторот,беше произведено од Европскиот центар за морска енергија, која испорача водорот направен од ветар и плима, кој се нарекува и зелен водород.

И двете компании кои учествуваа во тестот се посветени на намалување на нивните емисии на стакленички гасови и затоа вложуваат во истражување на користење на еколошки водород во постигнување на климатцките цели во воздухопловството.

Сепак, засега зелениот водород е редок и екстремно скап за производство. Некои влади, вклучително и администрацијата на Бајден, почнаа да инвестираат многу во големо производство на овој енергенс.

Британската компанија „Ролс Ројс“ е еден од водечките производители и снабдувачи на мотори за комерцијалната авијација, во своето портфолио на клиенти брои повеќе од 400 авиокомпании.

Овој прв тест на земја може да се смета за успешен, но од страна на познавачите на проблематиката се оценува дека треба да се направи уште многу за да имаме ситуација на редовни авио летови со водород.