(ВИДЕО) „Аватар: Патот на водата“ ја надмина заработката од 2 милијарди долари

Филмот на Џејмс Камерон „Аватар: Патот на водата“ подеднакво ги подели публиката и критичарите, но останува фактот дека луѓето сè уште се собираат во кината за да го гледаат и постои можност тој да собори многу рекорди, па веќе надмина 2 милијарди долари ширум светот.

Со приход од 19,7 милиони долари овој викенд во САД и Канада, наспроти 31 милион заработени минатиот викенд, филмот на Џејмс Камерон доминира на листата со најголема заработка шеста недела по ред.

Филмот заработи речиси 598 милиони долари во Северна Америка, а 1,43 милијарди во остатокот од светот, надминувајќи ја симболичната граница од 2 милијарди долари.

Advertisements

Во историјата на филмот, досега толкав профит оствариле само шест филма, меѓу кои и три филма на овој успешен канадски режисер („Аватар“, „Аватар 2“ и „Титаник“). Долгоочекуваното продолжение на научно-фантастичниот блокбастер од 2009 година е сместено повеќе од една деценија по настаните од првиот филм и се одвива под вода.

Во својот петти викенд во кината, „Мачорот во чизми 2: Последната желба“ го зазеде второто место со 11,5 милиони долари. Во овој филм, мачорот, кој прво се појави во вториот дел на „Шрек“, а потоа и во подоцнежните две продолженија, тргнува во епска авантура за да си ги врати поранешните животи бидејќи потрошил осум од нив, а му останало само еден.

На третото место, со заработени 9,8 милиони долари, се најде трилерот „M3GAN“, приказна за застрашувачка кукла, робот кој е програмиран да биде најдобар пријател на детето и најголем сојузник на родителите.

„Исчезнат“ на Ник Џонсон и Вил Мерик е на четвртото место со 9,3 милиони долари, пред „Човекот наречен Ото“, со Том Хенкс во главната улога, кој заработи 9 милиони долари.