Капсулата Орион на американската вселенска беспилотна мисија на Месечината „Артемис“ слета во Тихиот Океан во неделата по повеќе од 25 дена во вселената и орбитата на Месечината.
Поради должината на орбитата, на капсулата и требаше една недела да помине половина од орбитата околу Месечината, по што повторно излезе од месечевата орбита и го почна своето враќање кон Земјата.
За време на летот, Орион достигна најголема одалеченост од Земјата која ја има постигнато некое летало дизајнирано за лет на астронаути. Беше оддалечен околу 434.500 километри од Земјата.
Слетувањето се случило во близина на мексиканскиот остров Гвадалупе во 9:40 часот по локално време. Капсулата влегла во атмосферата на Земјата со брзина од 39.400 километри на час и морала да издржи топлина од речиси 2.760 степени Целзиусови, соопшти НАСА.
Во своето вртоглаво спуштање, леталото беше забавено прво од атмосферата, а потоа со серија од 11 падобрани, додека не достигна брзина од околу 30 километри на час кога се спушти во океанот.
Новата вселенска програма на НАСА „Артемис“ конечно започна, по бројни одложувања, минатата недела со лансирањето на вселенското летало Орион. Целта на програмата е повторно слетување на американски астронаути на Месечината, за прв пат по речиси 50 години. Слетувањето на Месечината ќе биде врв на мисиите Артемида. Првично планиран за 2024 година, овој исклучително важен настан треба да се случи најрано во 2025 година.
Мисијата ќе однесе четворица астронаути во орбитата на Месечината во вселенското летало Орион, каде двајца од нив – најмалку една жена – ќе се префрлат во вселенското летало SpaceX за конечното приближување до Месечината.
САД испратија 12 астронаути на Месечината помеѓу 1969 и 1972 година.
Орион е единственото вселенско летало кое е има капацитет да носи луѓе од Земјата, како дел од мисиите на „Артемис“, до длабоката вселена и да ги врати на Земјата од околината на Месечината. Повеќе од само модул на екипажот, Орион има систем за прекин на лансирањето за да ги одржува астронаутите безбедни ако се случи итен случај за време на лансирањето, европски изграден услужен модул, кој е извор на енергијата која го „храни“ и придвижува Орион, ги одржува астронаутите во живот со вода, кислород и енергија, и контрола на температурата, како и топлински штит што може да се справи со брзо враќање од длабоката вселена. SLS е најмоќната ракета во светот и единствената ракета способна да го лансира Орион со астронаути и нивни залихи во мисиите „Артемис“ на Месечината.